Се асфалтираат сообраќајниците во индустриската зона „Новини и Речица“ (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Во тек е асфалтирањето на првиот асфалтен слој на сообраќајниците во новата индустриска зона „Новини и Речица“, со што продолжува инфраструктурното уредување на еден од најзначајните стопански локалитети во Куманово.

 

 

За почетокот на оваа фаза од проектот информираше градоначалникот Максим Димитриевски, кој истакна дека изградбата на современа патна инфраструктура ќе придонесе за привлекување нови инвестиции и економски развој.

– Со изградбата на современа патна инфраструктура создаваме подобри услови за привлекување нови инвестиции, развој на стопанството и отворање нови работни места. Продолжуваме со реализација на капиталните проекти во интерес на граѓаните и локалниот економски развој, објави Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Се подготвува масовна акција против дивите препродавачи во Куманово (ВИДЕО)

 

 

Проектот се реализира со поддршка на Владата преку програмата за инфраструктурно уредување на општините, а претставува завршна фаза од инфраструктурното опремување на зоната.

 

 

Претходно во индустриската зона беа изградени атмосферска и фекална канализација, водоводна мрежа и јавно осветлување, а со асфалтирањето се создаваат услови за целосно функционална патна инфраструктура.

 

 

Од Општина Куманово посочуваат дека проектот е од особено значење бидејќи во зоната веќе работат домашни и странски компании, а подобрената инфраструктура ќе придонесе за пониски оперативни трошоци, побезбедно работење и поголема атрактивност за нови инвеститори, што треба да резултира со отворање нови работни места.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец тешко повреден откако удрил во паркирано товарно возило

 

 

Индустриската зона „Новини и Речица“ се наоѓа на една од најповолните локации во североисточниот регион, во непосредна близина на автопатот Е-75 кон граничниот премин Табановце, на околу пет километри од српската граница и во близина на Коридорите 8 и 10.

 

 

Според урбанистичката документација, зоната е наменета за лесна и незагадувачка индустрија, трговски капацитети, сместувачки објекти, сервиси и стоваришта.

 

 

 

 

 

Никола Ивановски