Државна поддршка за домашните претпријатија скоро и да не постои, обвини денес СДСМ, додавајќи дека власта домашните претпријатија ги користи само за полнење на Буџетот преку даноци и казни.
Нема инвестиции во енергетскиот сектор. Иако има услови за домашно производство на струја, граѓаните плаќаат скапа увезена струја, изјави денес Драган Тевдовски, претседател на Комисијата за економија.
- Годишната државна поддршка за малите и средните претпријатија е во износ од 20 милиона евра во првата година (100 пати повеќе од просекот за време на актуелната власт). Планот е поддршката да достигне 50 милиони евра во последната година од мандатот. Овие средства се дополнети со надворешни кредитни линии, како на пример од ЕИБ.
- Докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот со цел поголема кредитна поддршка и способност за реализација на гарантна шема.
- Основање инвестициски фонд за вложување во старт ап и МСП со малцинско учество на државата, а повеќе од 51% да биде во сопственост на заинтересирани приватни субјекти.
- Креирање старт ап центри во сите поголеми општини, во кои државата ќе обезбеди деловен простор за повеќе старт ап компании заедно со инфраструктура и заеднички служби (оддржување, архива, сметководство и сл.) коишто ќе бидат бесплатни за учесниците во центарот.
- Можност за основање посебен вид трговско друштво со минимален износ на основна главнина од 1 евро. Овие трговски друштва ќе имаат определена ознака и ќе бидат видно одделени од останатите фирми за коишто ќе остане да важи сегашната регулатива. Секој што ке соработува со ваков тип на субјект ќе знае дека основачкиот капитал е 1 евро.
Во поглед на деловната клима, водиме политика на оттргнување на политичарите од економијата и економскиот живот. Обезбедуваме предвидливост на законите и ставиме крај на нестабилноста со постојано менување закони.
На денешниот прес на СДСМ свое обраќање имаше и претседателот на Комисијата за финансии, Кире Наумов, кој појасни други приоритети во економскиот дел и во споменатите области во Третиот столб од Визијата за Македонија.