Руската Дума усвои текст за НАТО бомбардирањето на СР Југославија: Повикаа ОН да ја осудат агресијата

Сподели со своите пријатели

Руската Државна Дума денеска на пленарна седница го усвои нацрт-текстот на документот што ќе биде упатен до Обединетите нации по повод 25-годишнината од НАТО бомбардирањето на СР Југославија.

Loading...

Во текстот се наведува дека двата дома на Федералното собрание на Русија се обраќаат до ОН, меѓународните парламентарни организации и парламентите на странски земји со покана да ја осудат воената операција на земјите на НАТО против Југославија, да се спротивстават на обидите за промена на историската вистина за трагичните настани од 1999 година, како што се истакнува, во интерес на колективниот Запад, да се преземат мерки за повикување на земјите-членки на Алијансата на меѓународна правна одговорност за агресијата врз СРЈ.

Се посочува дека неказнивоста на агресијата на НАТО против Југославија создала услови за нови воени дејствија ширум светот под, како што се наведува, „превезот на изјави за борба за вредностите на слободата и демократијата“, пренесува РИА Новости.

„Верувањето на колективниот Запад во неговата непогрешливост и правото да одлучува за судбината на другите народи и држави доведе до создавање на неонацистички режим во Украина, кој, по државниот удар во 2014 година, го постави курсот за спроведување на политика на геноцид врз руското население и започнување на вооружен конфликт на територијата на оваа земја“, се наведува во нацрт-резолуцијата.

Воздушните напади на НАТО врз СРЈ, извршени без одобрение на Советот за безбедност на ОН, траеја од 24 март до 10 јуни 1999 година.