Русија лансираше дронови и ракети кон Киев и Лавов, полски авиони во готовност

Сподели со своите пријатели

Руските сили лансираа проектили и дронови во Киев и Лавов, во западна Украина, недалеку од границата со Полска, соопштија во средата украинските власти, додека полските воени авиони се во готовност.

Loading...

Во нападот на Лавов, на западот на Украина, загинаа три лица, меѓу кои и едно 14-годишно девојче, а 25 лица се повредени, соопшти регионалниот гувернер Максим Козицки.

„За жал, трето лице загина како последица на ноќниот напад во Лавов. Се работи за 14-годишно девојче“, рече тој.

Очевидци за Ројтерс изјавија дека слушнале неколку експлозии на периферијата на Киев и Лавов и тврдат дека се работи за систем за противвоздушна одбрана.

Украинските воени претставници соопштија дека одбранбените единици биле ангажирани во одбивањето на нападот, а регионалниот гувернер на Лавов Максим Козицки додаде дека станбените згради биле оштетени во Лвов, јави Танјуг.

Истовремено, Полска денеска по трет пат во осум дена подигна воени авиони со цел да ја обезбеди безбедноста на својата територија, наведува британската агенција.

„Ова е уште една многу бурна ноќ за целиот систем за противвоздушна одбрана во Полска поради набљудуваната активност на авиони со долг дострел на Руската Федерација кои изведуваат напади“, соопшти воениот штаб на земјата на мрежата Х.

Смртоносен напад на Полтава

Тоа доаѓа откако руските сили вчера со две балистички ракети погодија воен институт во украинскиот град Полтава во најсмртоносниот напад на војната оваа година, при што според украинските власти загинаа 50, а беа повредени стотина.

Loading...

Украина е под предупредување за воздушен напад веднаш по полноќ, а посебно предупредување за ракетен напад е издадено и за Лавов.

Русија се уште не го објавила нападот на Полтава. Москва постојано повторува дека е насочена кон воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина, а не кон цивилите, пренесува Хина.

Во последните десет дена Русија ја напаѓа Украина со стотици проектили и беспилотни летала, а некои руски воени блогери сметаат дека ова е одговорот на Москва на неодамнешниот упад на Киев на руска територија.