Русија ја повикува Турција да биде воздржана и да спречи понатамошна ескалација во Сирија, изјави денеска на прес-конференција рускиот претседателски претставник за Сирија Александар Лаврентиев.
„Ги повикуваме нашите турски колеги да покажат одредена воздржаност за да се спречи ескалација на тензиите, не само на северот и североисточниот дел на Сирија, туку и низ целата земја. Сметаме дека треба да продолжиме да работиме со сите заинтересирани страни и да се обидеме да најдете вистински решенија, вклучително и за таканареченото курдско прашање“, рече Лаврентиев, пренесува ТАСС.
Рускиот дипломат потсети дека поради неодамнешниот терористички напад во центарот на Истанбул, во кој загинаа шест лица, а повеќе од 80 беа повредени, Турција започна воздушна операција наречена „Канџа-меч“.
Осомничените за овој напад во Истанбул признаа дека се поврзани со Курдистанската работничка партија (ПКК), чии активности се забранети во Турција.
САД се против секоја турска воена операција во Сирија
SAD се против секоја воена акција што ја дестабилизира ситуацијата во Сирија, изјави портпаролот на Стејт департментот во врска со ескалацијата на меѓусебните напади на турската армија и курдската милиција долж границата со Сирија.
Коментарите на САД и Русија дојдоа откако Турција соопшти дека сириските Курди ИПГ убиле две лица во минофрлачки напади извршени вчера од северна Сирија, по турските воздушни напади во текот на викендот и смртоносниот бомбашки напад во Истанбул една недела претходно.
Едно дете и селски учител загинаа, а шест лица се ранети кога минофрлачки гранати погодија погранична област во турската провинција Газиантеп.