Расте дипломатскиот притисок за прекин на огнот во војната во Газа

Сподели со своите пријатели

Меѓународните преговарачи и делегацијата на Хамас денеска одржуваат разговори во Каиро во обид да посредуваат за пауза во војната во Газа пред почетокот на светиот муслимански месец Рамазан.

Loading...

Претставниците на палестинската екстремистичка организација и на САД се очекува да се сретнат со катарските и египетските посредници на третиот ден од преговорите за шестнеделното примирје во замена за ослободување на заложниците на Хамас и Палестинците од израелските затвори и доставување помош на Газа.

Израелските претставници досега не се приклучија на разговорите, и покрај зголемениот дипломатски притисок да се прогласи примирје пред Рамазан на почетокот на следната недела.

Израелските медиуми објавија дека посредниците од таа земја ги бојкотираат преговорите, бидејќи Хамас не покажал список на живи заложници.

Еден од лидерите на Хамас, Басем Наим, за АФП изјави дека деталите за затворениците не биле споменати во ниту еден од документите или предлозите циркулирани за време на преговорите.

Додека ситуацијата на опколената палестинска територија се влошува и се заканува глад, Израел се соочува со остри критики од својот главен сојузник, САД.

Американскиот потпретседател Камала Харис ја изрази својата длабока загриженост за хуманитарните услови во Газа за време на синоќешниот разговор во Вашингтон со членот на израелскиот воен кабинет, Бени Ганц.

Истиот ден, Светската здравствена организација (СЗО) објави дека во мисија за помош во две болници во северна Газа биле забележани деца кои умираат од глад поради недостиг на храна, гориво и лекови.

Loading...

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус изјави потоа дека десет деца умреле од глад.

Во Кан Јунис на југот на Газа, каде што се водеа жестоки борби, луѓето рекоа дека телата на убиените лежат на улиците, дека се уништени домови и продавници.

Околу 1.160 луѓе, повеќето цивили, загинаа во нападот на Хамас, владејачката партија во Газа, на југот на Израел на 7 октомври, според Франс прес.

Во израелската одмаздничка офанзива, според Министерството за здравство на Хамас, загинале 30.534 луѓе, главно жени и деца.