Ракометарите на Куманово остварија нова победа откако викендов на гостински терен во рамките на првата машка ракометна лига го совладаа составот на Преспа од Ресен со резултат 36:30.
Доминација во играта кумановци покажаа уште од самиот почеток на средбата па го полнеа голот на домаќините. И покрај големата желба од страна на ракометарите на Преспа да го намалат водството на избарниците на Димковски, сепак на полувреме се замина со резултат 18:15 во корист на екипата на Куманово.
Слична игра и двата состави покажаа и во вториот дел од средбата, кога ги постигнаа истиот број голови како и во првиот дел, за да сепак на крајот од мечот слават гостите со резултат 36:30.
Најдобри со по девет гола во составот на тренерот Љубиша Димковски беа М. Ангеловски и Давид Кузмановски, а веднаш зад нив Димковски со 7 и Трајчевски со 5 голови.
Во составот на домаќините со по седум реализирани погодоци најдобри беа Шабединовски и Павловски.
Екипата на Куманово моментално се наоѓа на четвртата позиција во рамките на домашната прва лига со 22 бода, исто колку и составот на Риниа М кои се на третата позиција, додека првите две позиции припаѓаат на Младост и Вардар.