Тројца полицајци од Лос Анџелес се ранети во престрелка, а осомничениот напаѓач е убиен во оваа пресметка, соопштија американските власти.
Полицајците интервенирале во Линколн Хајтс во средата околу 16:30 часот по локално време, а пукањето било пријавено околу два часа подоцна, според полицијата во Лос Анџелес, пренесува CBS News.
Како што се наведува, ранетите полицајци се хоспитализирани и се во стабилна состојба.
Инцидентот се случил кога полициски службеници барале лице на условно за непознато кривично дело и се обиделе да го уапсат, но тој побегнал од куќата и се сокрил во помошна зграда, од каде пукал кон полицајците и ранил тројца.
Полицајците возвратиле и се повлекле, а подоцна во објектот влегле специјални полициски сили и констатирале дека осомничениот е мртов.
Во еден момент, за време на полициската акција, беше на сила тревога низ целиот град, а жителите на соседните згради беа евакуирани од своите домови додека траеше претресот, а на другите во околината им беше препорачано да останат внатре и да ги заклучат вратите.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, во врска со овој инцидент изјави дека полицијата во тој град секојдневно е во опасност.
– Вечерва нè потсетија дека оваа опасност е многу реална – рече Басова на прес-конференцијата.