Модната ревија под наслов “Модните трендови и културата на живеење од „ала франга“ до современа мода” гостуваше на првиот дел од 10 – от Меѓународен фестивал ”Mузите” во Созопол, Бугарија, и освои прво место и специјална награда, соопшти денес НУ Музеј Куманово, организатори и креатори на ревијата.
Ревијата ”Ала Франга” претставена преку модели и реконструкција на модните креатори Ненад Секирарски и Александар Рашковиќ, е проект на вишиот кустос Анита Трајковска, која работи на заживување на градската мода во Куманово во раните 20 – ти години на минатиот век.
– Двете награди за модната ревија се само потврда за вложениот труд и енергија да ја направиме ова модна ревија, која го отсликува времето на градската мода во Куманово во 20 – тите години на минатиот век. Јас сум пресреќна за првите награди, што воедно претставува добра промоција на Република Македонија, вели Трајковска.
Модниот креатор Александар Рашковиќ, вели дека ревијата на НУ Музеј Куманово привлекла големо внимание на Меѓународниот фестивал во Созопол.
– Ние не бевме свесни дека ќе освоиме награда, со оглед на големата конкуренција, и се надевам дека ќе продолжиме со истото темпо, вели Рашковиќ.
Како што најави директорот на НУ Музеј Куманово, Анита Цветановска, првонаградените на Меѓународниот фестивал во Созопол ќе ја имаат честа да го отворат следното издание на фестивалот за 2016 година.
Националната установа Музеј Куманово беше единствената културна институција која ја претставуваше Република Македонија во конкуренција на 24 држави од светот.