Во малата сала на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово во среда со почеток во 19 часот ќе се одржи промоција на книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски.
Промотор на настанот е Весна Мојсова Чепишевска, фрагменти ќе читаат актерките Кети Дончевска Илиќ и Анастасија Величковиќ.
Иван Антоновски е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ и зад себе веќе има неколку публикации. Минатата година беше прогласен за најдобар млад научник во хуманистичките науки и од претседателот на државата му беше доделено признанието „Успешни млади“.
Во „Идентитетот е приказна“, покрај студијата на Антоновски е објавен и последниот, тестаментален есеј на Горан Стефановски – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“.
Оваа книга е исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура. Студиозна и високо книжевно-критичка анализа, која низ еден извонреден дијалог со есеите на Стефановски дава одличен импулс во книжевно-теориските истражувања на некои актуелни и нови теми и проблеми на македонското творештво. Горан Стефановски не можел да најде подобар соговорник од Иван Антоновски. Верувам дека оваа книга ќе поттикне и нови согледби и ќе отвори низа прашања кои може да станат појдовни точки за некои натамошни, нови истражувања.
Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетка професорка и книжевна критичарка)