Претседателот на Германија во Варшава: Молам за прошка!

Сподели со своите пријатели

Франк-Валтер Штајнмаер е првиот германски претседател кој одржа комеморативен говор на годишнината од бунтот во Варшавското гето, во кој пред 80 години беа убиени или депортирани речиси 56.000 Евреи, пишува Дојче веле (DW).

Loading...

Германскиот претседател побара прошка во средата на комеморацијата на годишнината од бунтот во Варшавското гето.

„Стојам пред вас денеска и барам прошка“, рече Штајнмаер на комеморацијата во Варшава, пренесе АП.

Тој рече дека страшните злосторства извршени од Германците овде го исполниле со длабок срам.

„Но, во исто време, исполнет сум со благодарност и понизност што можам да учествувам на оваа комеморација како прв шеф на германска држава досега“, рече Штајнмаер.

На комеморацијата, на која присуствуваа и претседателите на Полска Анджеј Дуда и на Израел Исак Херцог, тој го нарече „бесконечно скапоцен подарок“ помирувањето на тие две земји со Германија.

„Со суровост и нечовечност за кои немаме зборови, Германците ги прогонуваа, поробуваа и убиваа Евреите од Европа, Евреите од Варшава“, рече Штајнмаер.

И покрај злосторствата против човештвото, Шоа, народот во Израел и Полска им подаде рака на помирување на Германците, пренесува Спутник.

Loading...

„Тоа е подарок што не можевме и не требаше да го очекуваме“, рече германскиот претседател и во исто време рече: „Мораме и сакаме да го зачуваме ова чудо на помирување и да го водиме во иднината“.

Штајнмаер ја истакна историската одговорност на Германците и задачата што им ја оставија преживеаните и загинатите.

„Го прифаќаме. За нас Германците, нашата одговорност кон нашата историја нема граници. Тоа останува наш потсетник и наша мисија, сега и во иднина“, рече тој.

Во есента 1940 година, германските окупатори го основаа Варшавското гето, поради наводниот ризик од епидемија, и таму ги затворија Евреите од цела Полска.

Во еден момент, околу 450.000 луѓе беа спакувани во мал простор таму.

На 19 април 1943 година, жителите на еврејското гето се кренаа против СС и Вермахт. Востанието траело до средината на мај.

За речиси четири недели, повеќе од 56.000 Евреи биле убиени или одведени во концентрациони и логори за истребување, наведува ДВ.