Мајк Пенс, американскиот потпретседател за време на првиот мандат на Доналд Трамп, реагираше на изјавата дека Украина започнала војна со Русија.
Вчера Трамп, коментирајќи го незадоволството на Украина од преговорите меѓу САД и Русија, рече дека Украина ја започнала војната.
„Денес слушнав „ох, не бевме поканети“. Па бевте тука три години, требаше да го завршите тоа. Никогаш не ни требаше да почнете. Требаше да постигнете договор“, рече Трамп.
Пенс: Украина не ја започна војната
Пенс напиша на X дека вистината е од суштинско значење за градење мир.
„Господине претседателе, Украина не ја „почна“ оваа војна. Русија започна неиспровоцирана и брутална инвазија која однесе стотици илјади животи. Патот до мирот мора да се гради на вистината“, напиша Пенс.
Пенс цитираше наслов од Фокс њуз на 24 февруари 2022 година во твит: „Русија ја започнува инвазијата на Украина како најголем европски напад од Втората светска војна“.
Заладените односи меѓу поранешните колеги
Пенс е конзервативен политичар од Републиканската партија и поранешен потпретседател на Трамп.
Иако тој беше близок соработник на Доналд Трамп, нивната врска беше предмет на тензии, особено откако Пенс одби да ги поддржи обидите на Трамп да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година.
Трамп продолжи да тврди дека изборите биле украдени и се обидел да влијае на изборните резултати, вклучително и да го повика Пенс да го блокира потврдувањето на изборните резултати во Конгресот на 6 јануари 2021 година.
Трамп го повика Пенс да го искористи својот авторитет за да одбие да ги признае резултатите од неколку држави во кои победи Бајден.
Сепак, Пенс јасно стави до знаење дека не може да го исполни барањето на Трамп бидејќи тоа би било спротивно на неговите уставни должности.
Трамп изјави дека Пенс „немал храброст“ да го направи она што го бара од него.