Александар Смирнов, поранешен доушник на ФБИ обвинет дека лажел за зделките на семејството Бајден во Украина, по апсењето им рекол на истражителите дека руските разузнавачи биле вклучени во пренесувањето информации за синот на американскиот претседател Хантер Бајден.
Смирнов тврди дека има „обемни и многу блиски“ контакти со странски разузнавачки претставници, соопштија обвинителите во новото досие, пренесува Си-Ен-Ен.
Тие нагласија дека Смирнов претходно му кажал на ФБИ дека има долготрајни и опсежни контакти со руски шпиони, вклучително и поединци за кои тврди дека се високи разузнавачки функционери или давале наредби на руски убијци во странство.
„Смирнов призна дека службеници поврзани со руските разузнавачки служби биле вклучени во ширењето на приказната за Бизнисмен 1“, мислејќи на синот на претседателот Џозеф Бајден, Хантер Бајден, соопштија обвинителите.
Обвинителството се обидува да го задржи поранешниот доушник во затвор за да го спречи да избега од Америка, бидејќи Смирнов тврди дека бил во контакт со повеќе странски разузнавачки агенции, меѓу кои и со руската.
Тој им кажал на истражителите дека руското разузнавање го користи хотелот за да пресретнува повици на мобилни телефони на „истакнати американски личности“ кои руската влада би можела да ги искористи како потенцијално компромитирачки информации на изборите во 2024 година, во зависност од тоа кои се кандидатите.
Тоа, забележуваат обвинителите, е во согласност со неговата претходна приказна дека Хантер Бајден бил снимен во хотел под руска контрола во Украина.
Обвинителите, меѓутоа, претходно го отфрлија ова тврдење на доушникот, бидејќи сметаат дека Хантер Бајден никогаш не отпатувал во Украина.
Смирнов рече и дека се сретнал со руските разузнавачи во ноември и декември 2023 година, пренесува Танјуг.