Последната анкета покажа дека популарноста на францускиот претседател Емануел Макрон е зголемена за четири процентни поени во последниот месец, додека поддршката за премиерот Франсоа Бајру е намалена за седум проценти откако тој ја презеде функцијата во декември минатата година, објавија денеска француските медиуми.
Анкетата, спроведена од компанијата Odoxa, покажува дека Макрон има поддршка од 29 отсто од граѓаните, додека поддршката за Бајру падна на 23 отсто, пишува Le Figaro во Париз.
Истражувањето, објавено денеска, открива и дека лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен има мало водство во однос на поранешниот премиер Едуар Филип по популарност – таа ужива поддршка од 37 отсто од француските граѓани, што е зголемување за четири процентни поени од февруари, додека Филип е поддржан од 36 отсто.
Претседателот на екстремно десничарската партија Национален собир, Џордан Бардела, е поддржан од 35 отсто од гласачите, потоа поранешниот премиер Габриел Атал со 34 отсто поддршка и министерот за внатрешни работи Бруно Ретај, кому му веруваат 33 отсто од Французите.
Анкетата, која беше спроведена на 26 и 27 март, опфати 1.005 француски граѓани, објави „Фигаро“.