Рано наутро, во станбениот објект лоциран на улицата Егејска Македонија во Куманово, дојде до пукање на водоводна цевка во гаражниот простор на зградата, информираат станарите.
Пукањето на водоводната цевка за кратко време предизвика поплава во гаражниот дел, каде на лице место веднаш се упатиле екипите на ЈП Водовод за да утврдат за што точно се работи.
Дотокот на вода во зградата бил веднаш прекинат, а од утринава на лице место се работи со една цистерна која досега според станарите има испумнано околу пет цистерни, со очекување да се наполнат уште толку затоа што се работи за големо количество на излеана вода.
Од ЈП Водовод не добивме точна информација кога точно ќе се санира настанатата штета затоа што се работи за дефект од поголем обем.
На истата улица, граѓаните кои живеат во новата зграда на ул. Егејска Македонија 18, неодамна со писмено барање реагираа на се` позачестените дефекти на канализационата мрежа, која се излева на ул. Моша Пијаде, а која кај станарите на Егејска Македонија доведува до затнување на одводот.