Полскиот претседател Анджеј Дуда ќе ја соопшти својата одлука за именување на нов премиер по минатомесечните избори во понеделник навечер, изјави шефот на неговиот кабинет.
„По консултации и длабоко размислување, претседателот Анджеј Дуда донесе одлука поврзана со таканаречениот прв чекор (именување на владата). Одлуката е конечна…“, напиша шефот на кабинетот на претседателот, Марчин Масталарек на социјалната мрежа Х, порано позната како Твитер, додавајќи дека Дуда ќе има телевизиско обраќање подоцна во понеделник.
Партијата Право и правда (ПиС), која владееше со Полска во последните осум години, победи на изборите на 15 октомври, но го загуби апсолутното мнозинство и веројатно нема да најде коалициски партнер.
Трите проевропски партии кои имаат мнозинство во парламентот тврдат дека се подготвени да формираат влада предводена од Доналд Туск, лидерот на Граѓанската коалиција и го повикаа Дуда да не го одложува именувањето.