Показна вежба за пружање помош на повредени лица во сообраќајна несреќа организираа денеска на градскиот плоштад во Куманово, СВР Куманово, Територијалната противпожарна единица, Итната медицинска помош, Црвениот крст и ученици од повеќе основни училишта.
Вежбата се организираше под покровителство на Советот на општина Куманово и е дел од проектот „Заедно за граѓаните”, а традиционално се одржува четврти пат по повод Денот на независноста. Целта беше да покаже отвореност и достапност на државните институции во рамки на градот, нивна меѓусебна координација, да ја зајакне свеста кај граѓаните за соработка со институциите кои први пружаат заштита и безбедност за кумановци.
Манифестацијата годинава е посветена на јакнење на граѓанска совесност за поголема безбедност во сообраќајот што е битно за сите граѓани, бидејќи сме учесици во сообраќајот, порачаа учениците од основните училишта од мешаните училишни сообраќајни единици кои денеска заедно со сообраќајната полиција го регулираа сообраќајот и делеа флаери за безбедно учество во сообраќајот и почитување на правила и прописи. Присутните се запознаа со дел од опремата и материјално-технички средства со кои располагаат институциите.