Фото клуб Куманово по трет пат го организира фестивалот на уметничка фотографија „Малински фото фестивал“ кој во сабота и недела ќе се одржи во Куманово и Кратово.
За разлика од претходните години овогодинешниот фестивал ќе трае 2 дена и ќе се одржи во Куманово и Кратово. Посетителите ќе имаат можност да погледнат околу 400 изложбени фотографии во колор и црно–бела техника кои се дела на интернационални и домашни реномирани фотографи, како и ученици аматери. Односно осум различни изложби, шест фото проекции, предавање на тема документарна фотографија и фото сафари.
Посетителите ќе имаат можност да ги погледнат изложбите на Марина Крстиќ, реномиран фотограф од Македонија и Золтан Бисак од Турција. Ќе бидат изложени и Меѓуклупската изложба која е со натпреварувачки карактер помеѓу фото клубот Куманово и фото клубот Војцин од Полска насловена како „Круг“ и истата е под селекторство на Марјан Јаневски од фото клубот „Козјак“. Ќе има две клубски изложби од кои една на фото клуб „Куманово“ насловена како „Тумба“, а другата на фото клуб „Крагујевац од Србија со тема „Продолжување на традицијата“, а своја изложба ќе имаат и ученици од ОСТУ „Наце Буѓони“.
За посетителите ќе бидат поставени и две меѓународни изложби „Photo Play” и „Photo Story”.
Голем број фото проекции ќе ја збогата програмата на фестивалот, каде ќе бидат изложени делата на Коста Дупчинов од Македонија, Дарко Стојковски од Македонија, Дејан Колевски од Македонија, Иван Вукелиќ од Македонија, Дмитриј Частаков од Русија и Авишек Дас од Индија.
Оваа година Фестивалот на фотографијата „Малински“ го отвараме со стамена идеја, и силна надеж дека само сплотени можеме да успееме во витлите на времето, а овој настан ќе заслужи да го нарекуваме замокот на фотографското единство, кој ќе опстојува низ годините надживувајќи не нас, но истовремено одржувајќи го жив споменот на нашиот скромен придонес во зародишот на една ваква благородна и безвременска идеја – велат организаторите.
Програмата на фестивалот за прв пат оваа година ќе биде проширена со предавање на тема документарна фотографија од страна на Зоран Ѓорѓевиќ реномиран фотограф од Србија, и исто така со фото сафари кое ќе се одржи во втората половина на фестивалот односно вториот ден во Кратово.