По повод големата забава во Кабаре Тунел: Интервју со Марио Доневски – Mao.ri

Сподели со своите пријатели

Марио Доневски – Mao, познат и како Mao.ri е кумановски диџеј и продуцент одамна познат на музичката сцена во нашиот град.

Loading...

По кратка пауза, исполнет со ентузијазам и желба за добра забава, најавува повторно враќање на музичката сцена. 

Бидејќи ова е наше прво интервју со вас, кажете ни нешто за вашите почетоци со музиката.

Ова е доста интересно прашање затоа и имам прилично интересен одговор. Мојата мајка ми имаше кажано одамна за една случка, уште кога сум бил бебе, кога таа случајно поминала заедно со мене до продавница во која на излогот имало касетофон (во тоа време).

Ми кажа “Толку многу плачеше , што ни самите не знаевме зошто.” Кога сфатиле дека всушност плачам по касетофонот, ми го купиле. На касетофонот се сеќавам и ден денеска, и како, и колку го користев како мал, и затоа сакам да верувам во тоа како знак и главен мотив и причина за мојот интерес во музиката.

Со тек на времето слушав секаква музика, во главно музиката што беше во етерот на радијата. Уште во основно училиште, организиравме забави на кои за првпат ми се пружи шанса да бидам оној кој што ќе пушта музика. Од почетокот ми се допадна тоа чуство и таа енергија, и во тој правец продолжив да се надградувам за да можам себе си да се наречам Диџеј.

Посериозно кон оваа идеја пристапив со мојот другар Никола, со кој што заедно формиравме дуо група, наречена Face2Face и настапувавме на многу места во градот како и во другите градови во Македонија. Полека го изградувавме стилот, бевме фокусирани кон хаус музиката, но експириментиравме и со други стилови. Кога другарот замина во странство, не бевме веќе во можност да настапуваме, така да одреден период бев пасивен, платонски уживав во љубовта спрема музиката.

Одвреме навреме настапував со мојот добар пријател Дејан (ДЈ Арго) кој навистина ме поддржуваше и ме инспирираше со неговиот успех, да продолжам и јас во таа насока. После некој период, еве ме пак на кумановската музичка сцена, полн со ентузијазам и енергија да допринесам за добра забавa.

Loading...

Од каде ја црпите инспирацијата кога настапувате како ДЈ, какво е чувството да се биде  одговорен за забавата пред публиката?

Пред се, да се биде диџеј, одговорноста е голема, но не и застрашувачка. Честопати сум имал трема пред некој настап, но после одредено време истата се заменува со уживање и сатисфакција, и тоа го прави моментот уште подобар.

Енергијата која се пренесува од публиката назад до мене, е мојата главна инспирација. Знаејќи дека сите се забавуваат и уживаат, самата глетка на задоволни, среќни и разиграни лица, е најголемата награда и мотивација за мене. Големо внимание обрнувам и на музиката што ќе допре до присутните и затоа внимателно ги следам реакциите и моментите, знаејќи кога е погоден момент да изберам трака што ќе предизвика еуфорија и емоции, или пак избор кој едноставно ќе поведе сите во добро журкање по инерција.

Кога сите елементи ќе се склопат, кога ќе преовладее еуфорија, одговорноста престанува, а чувството е необјасниво добро.

Како го согледувате ноќниот живот во Куманово, и што би направиле да го подобрите во иднина?

Се трудам да имам доста либерални мислења на таа тема. Сепак, Куманово е голем град, на чии улици секојдневно се испреплетуваат и разминуваат лица со различни карактери, ставови и идеи. Сметам дека забава треба да има за секој, и затоа не критикувам ниеден тип на локал.

Моментално, сметам дека условите за забава за оние со кои го делиме вкусот на музика, не е идеален, но далеку од лош. Пред се сметам, дека локалите треба да обрнат внимание на локалните диџеи, кои што се трудат да изградат некој имиџ не само за себе, туку и за локалите како и за самиот град.  Сведоци сме на настани каде како гости доаѓаат неквалитетни диџеи или изведувачи од надворешноста, и мислам дека тоа е од причина што самите менаџери обрнуваат внимание само на тоа да понудат разновидна програма, која што не е толку квалитетна. Од која причина е тоа , не сум сигурен, но сигурен сум дека постојат подобри опции.

Најдобрата опција е пред се да се поддржат локалните диџеи, артисти, групи  и изведувачи, а сите знаеме за квалитетот на истите. Единствена критика од моја страна е што никој не превзема ништо да донесе некој диџеј или група од светски ранг, и се додека се задоволуваме со ситни работи, не можеме да очекуваме дека ноќниот живот ќе се развие во позитивна насока. Ги охрабрувам сите сопственици на локали и менаџери, да продолжат во издигање на имиџот на нивните локали, да работат на тоа да ја задршат својата автентичност, но да не се плашат од промени.

Loading...

Како позитивен пример ќе го земам ноќниот клуб Тунел, кој опстојува со години, каде што менаџментот постојано работи на усовршување на понудата. Иако неодамна започна со работа, ќе ги пофалам поради тоа што приредија навистина добри забави и се голема подршка и потенцијал за ноќниот живот.

Дали вашата креативност ја изразувате само преку настпап, или пак имате сработено некои ваши дела или продукција ?

Моите изведби се огледало на мојата креативност, но тука не завршува се. Доспеав до некој момент, каде што музиката што ја слушав и пуштав во локалите, ме инспирира да создадам нешто свое. Така и започнав со продукција, од порано до сега имам направено доста дела, некои издадени, некои објавени само на мојот официјален профил (ќе следи линк) а некои засекогаш останаа или исчезнаа во мојот компјутер.

Кога решив да се занимавам со продукција, инвестирав и обезбедив почетна опрема на која ќе можам да работам се до следниот момент на развој на моите продукциски способности. И ден денеска активно работам на тој план, експириментирам и се трудам да се усовршам.

Какви се вашите идеи и планови за во иднина, во кој правец очекувате да се развива вашата кариера како диџеј или продуцент ?

Исполнет сум со позитивни чувства и ентузијазам кога е во прашање мојата музичка кариера. Со поголем ангажман од моја страна, очекувам активно да учествувам во ноќниот живот, не само во Куманово туку и на страна. Веќе се прават некои планови и преговори за настапи на страна, но не е момент кога можам да кажам со сигурност, затоа што многу работи се поврзани едни со други, плановите се големи и затоа треба доволно време за нивно остварување.

Пред се, би сакал да се создаде една хомогена организација од која дел ќе бидат сите музики ентузијасти со цел заедно да допринесеме кон подобрување на самите себе како и пласирање на поквалитетна и поорганизирана забава во локалите. Исто така, како што веќе спомнав , активно работам на сопствена продукција заедно со мојот пријател Дејан Арго, во моментот работиме на неколку проекти за кои се надеваме дека наскоро ќе бидат достапни и слушнати од сите. Најголемото мое пчекување и надеж, е да, некаде во иднина, преку мојата продукција да ја раскажам мојата приказна. Тоа е мојата цел.

За крај, не` интересира вашиот совет или порака до читателите од вашата гледна точка…

Loading...

Музика е составен дел од нашите животи. Честопати таа е нештото што не придвижува напред и ни влева инспирација и храброст за некои од нашите цели и планови. Едноставно, животот го прави подобар и полесен, ни дава излез. Ги охрабрувам сите љубители и оние кои што сметаат дека имаат капацитет, а пред се желба да се занимаваат со музика, да го сторат тоа по секоја цел.

Да не се откажуваат  и да настојуваат музиката да ја подарат на некој друг, според мене тоа е најголемиот подарок. Јас мојот свет поврзан со музиката се трудам да го споделам со мојот внук Кристијан, и се погрижив од самиот почеток, да му обезбедам допир со музиката и со мојата музичка опрема, затоа што знаете како викаат Кумановци “Стебла се калемив док су малецки”

kiko-2 kiko-1

Ги поканувам сите кои што ќе го проследат ова интервју, во сабота на 7 февруари, да не` постетат во ноќниот клуб Тунел и добро да се забавуваме .

Leave a Reply