Пет лица осудени за убиство на претседателскиот кандидат во Еквадор

Сподели со своите пријатели

Во Еквадор пет лица беа осудени на затворски казни од 12 до 34 години за убиството на претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио минатата година.

Loading...

Петмината уапсени се поврзани со една од најголемите криминални групи во Еквадор – Лос Лобос, јавува Би-Би-Си.

Карлос Ангуло, наводниот водач на бандата, и Лаура Кастиља беа осудени на 34 години и осум месеци затвор за планирање на убиството, а Ерик Рамирез, Виктор Флорес и Александра Чимбо беа осудени на 12 години затвор за соучесништво.

Обвинителите тврдеа дека Ангуло, познат како „Невидливиот“, го наредил убиството од затвор, каде што веќе отслужува четиригодишна затворска казна, но тој ги отфрли обвиненијата.

Според обвинителот, Кастиља била задолжена за логистика, односно ги снабдувала мажите со оружје, пари и мотори за да го извршат убиството.

За време на судењето сведочеа повеќе од 70 луѓе, вклучително и клучниот сведок кој рече дека на бандата ѝ биле понудени повеќе од 200.000 долари за да го убие политичарот.

Посебна истрага за тоа кој го ангажирал Лос Лобос за да го изврши убиството се уште е во тек, соопштија обвинителите.

Вилависенсио, пратеник и поранешен новинар, беше застрелан минатиот август додека го напушташе предизборниот митинг во Кито.

Loading...

Тој беше еден од ретките кандидати кои зборуваа за врските меѓу организираниот криминал и владините претставници во Еквадор.

Во неделите пред атентатот добивал смртни закани, но и покрај тоа продолжил со кампањата.

Еквадор е релативно безбедна латиноамериканска земја, но во последниве години има зголемување на криминалот, што е поттикнато од зголеменото присуство на колумбиски и мексикански нарко картели кои се инфилтрирале во локални криминални банди, наведува Би-Би-Си.