Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ Куманово вчеранавечер одржа трибина на која граѓаните и членовите на партијата со свои идеи и предлози, дискутираа за новата предизборна партиска програма за претстојните избори во април следната година.
[huge_it_gallery id=”243″]
На средбата присуствуваше и вицепремиерот Владимир Пешевски кој разговараше со граѓаните заинтересирани токму нивните идеи да бидат инкорпорирани во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните избори.
Како што истакна, досегашното искуство покажало дека најдобрите идеи секогаш доаѓаат од самите граѓани и затоа партијата на власт активно се спрема за претстојните предвремени парламентарни избори.
Свое излагање имаше и актуелната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, како и пратеникот од Куманово Зоран Ѓорѓиевски, по што следуваше отворен разговор со граѓаните преку кој беа дискутирани идеи за новата програма.
Вицепремиерот Владимир Пешевски во своето обраќање пред граѓаните на Куманово истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е првата политичка партија во Република Македонија која може да се пофали со конкретна пишана програма.
Онаа што реално им треба на граѓаните никој не може да го знае подобро од самите нив. Дали се работи за проект за увоз на стари поволни возила, откупување на дворни места за едно евро квадратен метар, легализација на дивоградбите, зголемување на субвенции во земјоделството доаѓале како предлози од граѓаните и ние се потпираме на нив. Сега формиравме четири високо стручни тимови составени од владини функционери, но и од пратеници и други чинители во власта, кои одат низ целата држава, имаат вакви средби со граѓаните, бидејќи од овие средби очекуваме да добиеме нов инпут во самата партиска програма.
Пешевски обвини и за копирање на она што го правеле во изминатиот период од политичките опоненти на партијата.
Пратеникот Ѓоргиевски пред присутните истакна дека дел од ветените проекти не се реализирани поради загубата на изминатите локални избори. Тој наброја неколку успеси кои со напорите на централната власт се остварени, но и најави неколку нови проекти.
Една од работите за која сите имате слушнато е дека во буџетот за 2016 година, Владата издвои средства за изградба на нова ТИР зона. Спремени се три елаборати за простори кои треба ад бидат разгледани од Министерството за финансии и Агенцијата за странски инвестиции, така да во текот на наредната недела треба да се одреди локацијата и кога од прилика ќе почнат работите на градење на ТИР зоната во Куманово.
Тој истакна дека Куманово е лидер во невработеноста во регионот, но сепак истакна дека и покрај желбите без согласнист со локалната власт, централната власт не може да реализира ништо од предвиденото.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска од друга страна пак истакна дека оваа Влада е пример за тоа како се работи транспарентно, чесно, отворено и во интерес на своите граѓани.
Овде во Куманово интензивно работиме и ќе работиме, истражуваме на голем број локалитети на кумановскиот регион и се откриени голем број артефакти кои сега с енаоѓаат во археолошкиот музеј кој сега е отворен во Скопје. Би сакала да напоменам дека овде во Куманово успеавме да инвестираме многу во областа на археологијата и културата.
Министерката го истакна проектот за промоција на локалитетот Кокино, а воедно го најави и ставање во функција на спомен куќата на Христијан Тодоровски – Карпош која ќе се стави во туристичка и културна промоција на градот.
По нивното излагање следеше дебата со граѓаните на Куманово кои даваа предлози за новата изборна програма, а слични ваквки трибини од партијата најавуваат и за останатите градови во државата.