Ерменскиот премиер Никол Пашинјан, лидер на партијата Граѓански договор, прогласи победа на неговата политичка партија на парламентарните избори во таа земја.
„Парламентарните избори се одржаа на 7 јуни 2026 година, а победи партијата Граѓански договор. Партијата Граѓански договор сама ќе ја формира владата“, рече Пашинјан за време на прес-конференцијата емитувана на локалните медиуми, пренесува ТАСС.
Според последните податоци на Централната изборна комисија на Ерменија, врз основа на податоците од 1.488 од 2.005 избирачки места, партијата Граѓански договор и натаму води, но за првпат падна под прагот од 50 отсто, па во моментов има 49,44 отсто од гласовите.
Блокот „Силна Ерменија“ на бизнисменот Самвел Карапетјан освои 23,68 проценти, додека блокот „Ерменија“ на поранешниот претседател Роберт Кочарјан освои 9,96 проценти.
Одѕивот на гласачите бил 58,97 отсто.
Гласањето на парламентарните избори во Ерменија заврши во недела во 20 часот по локално време.

