Израелскиот Канал 12 откри детали за потенцијалниот договор за прекин на огнот и размена на затвореници меѓу Израел и палестинската група Хамас.
Како што наведуваат, договорот се состои од три фази, од кои првата трае 42 дена и вклучува ослободување на 33 израелски заложници.
Израелската делегација, катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани и посредниците од Египет, Катар и САД ја чекаат конечната одлука од лидерот на Хамас Мохамед Синвар за нацрт-текстот на договорот.
Инаку, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, се консултира со безбедносните службеници за ова прашање, според Канал 12.
Детали за предложениот нацрт
Првата фаза наречена „хуманитарна фаза“ ќе трае 42 дена.
Тоа вклучува ослободување на 33 израелски заложници, со фокус на жените, постарите и болните.
За возврат, израелската војска ќе се повлече од повеќето области што моментално ги контролира во Газа.
Ослободувањето на првата група израелски заложници се планира седми ден по почетокот на прекинот на огнот.
Израел, исто така, се согласи да ослободи стотици палестински затвореници, вклучително и оние кои отслужуваат долги или доживотни затворски казни.
За секој ослободен израелски војник ќе бидат ослободени 50 палестински затвореници, од кои 30 отслужуваат доживотна казна, а 20 се на долги затворски казни, се вели во извештајот.
За секоја ослободена Израелка или постар цивил, треба да бидат ослободени 30 палестински затвореници, вклучувајќи малолетници, жени и болни.
Втората фаза, која започнува на 16-тиот ден од договорот, ќе се фокусира на пошироки преговори за ослободување на преостанатите затвореници, вклучително и војници и млади затвореници.
Третата и последна фаза, според извештајот, вклучува долгорочни аранжмани, вклучувајќи разговори за алтернативно управување со Газа и планови за нејзина реконструкција.
Отстапки и спорови
Канал 12 понатаму известува дека како дел од новиот договор, Израел се согласил да им дозволи на раселените лица да се вратат во северниот дел на Газа, што беше клучно барање на Хамас за време на преговорите.
Безбедносните проверки на возилата би ги извршила меѓународно тело, додека пешаците нема да бидат контролирани.
Остануваат нерешени значајните спорови Хамас бара повлекување на Израел од коридорот Филаделфија, граничната област меѓу Газа и Египет и траен прекин на огнот.
Израел, сепак, е подготвен само да се согласи на привремен прекин на огнот и постепено повлекување од коридорот.
Друга спорна точка е длабочината на тампон зоната долж границите на Газа.
Хамас инсистира на враќање на ситуацијата пред 7 октомври 2023 година и тампон зона од 300-500 метри.
Израел, пак, бара тампон од два километри.
Израел моментално држи повеќе од 10.300 палестински затвореници, додека се проценува дека 99 Израелци се притворени во Газа. Хамас рече дека многу израелски заложници биле убиени во неселективни израелски воздушни напади.
Преговорите за размена на затвореници и прекин на огнот, со посредство на Катар, Египет и САД, беа неколкупати прекинувани поради новите услови наметнати од Нетанјаху.
Израелската опозиција и семејствата на затворениците го обвинуваат за попречување на напорите за постигнување договор за прекин на огнот во Газа и размена на затвореници со Хамас.
И покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се повикува на итен прекин на огнот, Израел ја продолжува својата геноцидна војна во Газа, во која загинаа повеќе од 46.500 луѓе, главно жени и деца, од 7 октомври 2023 година.
Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење во ноември за Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.