Осомничениот сериски убиец од Старо Нагоричане бил свесен за постапките, покажале психијатриските вештачења од три вешти лица.
Ова денеска го соопшти јавниот обвинител Љубомир Лапе, кој додаде дека сторителот кому на товар му се ставаат четири убиства и два обида, е кривично правно одговорен и може да го следи судењето.
Осомниченот, како што пишуваат медиумите, има адвокат ангажиран од неговото семејство.
Истрагата како што информираше обвинителот Лапе, е проширена и опфаќа шест кривични дела.
– Од добиени нови докази ја проширивме истрагата против истиот сторител и тоа за две нови кривични дела убиства од квалификуван облик и две кривични дела обид за убиство од квалификуван облик при што сега севкупно се води истрага за 6 кривични дела, изјави Лапе.
Убиствата се третираат како фемицид, односно родово базирано насилство, бидејќи сите жртви на осомничениот се жени.
Дваесет и шестгодишниот Трајко Бојковски се сомничи дека на свиреп начин ги убил Ј.А. од селото Драгоманце и С.К од селото Клечовце, откако нивните тела биле ексхумирани.
Прехтодно му беше поднесена кривична пријава за две убиства против М.С. и М.М., додека во меѓувреме на товар му се ставаат и два обида за убиство врз С. А. и Р.Т.
Првото убиство се случило од 27.01.2026 до 12.02.2026 година, а второто од 17.01 до 18.01.2026 година.
Потоа, убил меѓу 05.01 и 06.01.2025 на Коледе и Бадник, па следен пат меѓу 05.06 и 07.06.2025 година.
Според јавниот обвинител Лапе, ова е прв сериски убиец во Македонија со елементи на фемицид.
Истрагата како што додаде тој ќе продолжи и во иднина, а за брзо ќе биде поднесен и обвинителен акт.
Во меѓувреме СВР Куманово поднесе кривични пријави против двајца лекари кои ги сомничи дека кај две од жртвите не констатирале насилна смрт, па тие биле погребани без обдукција. Тие се теретат за „несовесно работење во служба“.
Кај полицајците не била утврдена одговорност, бидејќи тие постапувале по укажување на лекарите.
Никола Ивановски

