Општина Куманово ќе субвенционира стари занаети, пријавувањето до 10 септември

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово, во соработка со Регионалната занаетчиска комора Куманово, објави јавен оглас за субвенционирање на стари занаети на подрачјето на општината за 2026 година.

За оваа намена се обезбедени вкупно 150.000 денари, а финансиска поддршка од по 15.000 денари ќе добијат 10 избрани корисници.

Целта на огласот е зачувување, оживување и промоција на старите занаети, подобрување на условите за работа и квалитетот на занаетчиското производство, како и заштита на локалните културни обележја.

Право на учество имаат физички или правни лица регистрирани за вршење занаетчиска дејност со активен статус, кои имаат седиште, деловен простор или регистрирана дејност на територијата на Општина Куманово и вршат најмалку една од предвидените прифатливи дејности.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец тешко повреден откако паднал од куќа

На листата на стари занаети опфатени со субвенцијата се: штавење и доработка на кожа, доработка и боење на крзно, производство на предмети од крзно, производство на јажиња, конопи, претенки и мрежи, производство на теписи и килими, ткаење текстил, производство на накит и сродни производи, производство на бижутерија, производство на метли и четки, поправка на часовници и накит, ковање и обработка на метали, производство на народни музички инструменти, производство и обработка на стаклени предмети, производство на керамички предмети и украсни предмети, како и поправка на обувки и кожни производи.

Субвенциите ќе се доделуваат според принципот „прв дојден, прв услужен“, односно според редоследот на прием на барањата, сè до пополнување на предвидените 10 места.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Заврши 22. издание на Меѓународниот тамбурашки фестивал во Куманово (ФОТО)

За редоследот ќе бидат меродавни датумот, часот и деловодниот број на приемот во Регионалната занаетчиска комора Куманово.

За аплицирање потребно е да се достави пополнет и потпишан образец „Барање за субвенционирање на стар занает“, копија од важечка занаетчиска дозвола или друг соодветен доказ за регистрација на дејноста, како и копија од трансакциската сметка на подносителот.

Барањата треба да се достават во затворен плик со назнака „За јавен оглас – субвенционирање на стари занаети 2026“, лично или по пошта до Регионалната занаетчиска комора Куманово, на улица „Гоце Делчев“ број 71.

Рокот за поднесување на барањата е од 24 август до 10 септември 2026 година. Кај поштенските пратки, за меродавен ќе се смета датумот и часот на прием во Комората.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Пожарникарите помагаат во Липково, но не го оставаме Куманово без резервни тимови (ВИДЕО)

Ненавремените, нецелосните и непотпишаните барања нема да се разгледуваат. По пополнувањето на 10-те места, пристигнатите барања ќе бидат евидентирани на резервна листа според истиот принцип.

Листата на избрани корисници ќе биде објавена на огласната табла и/или на официјалните канали на Регионалната занаетчиска комора Куманово. Образложен приговор може да се поднесе во рок од три работни дена од објавувањето на листата, додека избраните корисници ќе склучат договор со Комората за исплата на субвенцијата.

Образецот за барање може да се подигне во Регионалната занаетчиска комора Куманово или да се преземе од веб-страницата rzkkumanovo.mk. За дополнителни информации достапни се телефонскиот број 076 202 988 и електронската адреса [email protected].