Полициските служби на седум земји, предводени од германските и британските власти со поддршка на Европол, идентификуваа 156 жртви и осомничени сторители во меѓународна операција насочена кон сексуални напади извршени со употреба на психоактивни супстанции, објави денес Европол.
Операцијата беше насочена првенствено кон случаи на сексуално насилство во партнерски односи, особено во средина на мизогинистички интернет заедници, се наведува во соопштението.
Како дел од операцијата, спроведена од 22 до 24 јуни во седиштето на Британската Национална агенција за криминал во Лондон, 29 истражители работеа на идентификување на сторители и жртви, откривање на мизогинистички групи на интернет и собирање нови истражни траги во рамките на Проектот Медуза.
Проектот Медуза беше започнат во април 2026 година со цел разбивање на интернет мрежите што овозможуваат и охрабруваат вакви злосторства, како и зајакнување на меѓународната соработка во нивната истрага и гонење, објави Европол.
Проектот го водат Германија и Велика Британија, со учество на Бразил, Канада, Франција, Унгарија, Холандија, Шпанија, Соединетите Американски Држави и Европол.
За време на операцијата, идентификувани се вкупно 156 жртви и осомничени, отворени се 274 нови линии на истрага и откриени се четири нови мизогинистички интернет заедници, додека истрагите се уште се во тек, се вели во соопштението.
Европол ја поддржа операцијата со финансиска и аналитичка помош, овозможувајќи верификација на податоци во реално време и поддршка за разузнавање со отворен код.
Според Европол, истрагите откриле онлајн мрежи во кои сторителите ги објективизираат и дехуманизираат жртвите, користејќи апликации за шифрирани пораки, форуми и затворени групи за споделување искуства, нормализирање на насилно однесување, трговија со дрога и наркотици и координирање на злосторства.
Како дел од истрагите поврзани со проектот Медуза, досега се уапсени 57 лица, заштитени се 158 жртви и започнати се 113 истраги.
Европол наведува дека ваквите напади се речиси исклучиво насочени кон жени и дека најчесто ги извршуваат лица кои злоупотребуваат професионален авторитет или однос на доверба со жртвата.
Покрај сомневањата за силување и сексуален напад, истрагите вклучуваат и тешки телесни повреди и обид за убиство, бидејќи зашеметувањето на друго лице и сексуалното насилство се исто така кривични дела, пренесува Танјуг.

