Од утре до 10 јуни ќе се спроведува екстерното тестирање за учебната 2014/2015 година, кое ќе опфати вкупно 183.280 ученици и 17.803 наставници.
Како што информираше Министерството за образование и наука минатата недела, на интернет-страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk е објавен базен со вкупно 445.700 прашања на македонски, албански, турски и на српски јазик по вкупно 7.560 предмети.
За секој предмет се генерирани прашања во зависност од неговата застапеност во наставниот план, односно бројот на часови. Така, за предмет застапен со еден час неделно генерирани се 100 прашања, за предмет со два часа неделно 200 прашања, за предмет застапен со три часа неделно 300 прашања.
На prasanjaeksterno.dic.edu.mk беа објавени распоредите за екстерно тестирање на учениците од четврто одделение во основно образование до трета година средно образование.
Учениците имаат можност да ги погледнат датумот и часот кога ќе бидат тестирани, а за наставните предмети ќе бидат информирани три дена пред датумот на полагањето.