Од полноќ, односно од 00:01 часот на 30 јуни, ќе важат нови малопродажни цени на горивата, согласно најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Просечното намалување на цените изнесува 0,27 отсто, иако кај бензините ќе има поскапување, а кај дизелот намалување.
Според новиот ценовник, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе биде поевтин за 0,50 денари по литар, па неговата цена ќе изнесува 80 денари за литар.
Во исто време, ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе поскапат за 0,50 денари по литар. Со тоа, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по 84,50 денари за литар, додека цената на ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе биде 86,50 денари за литар.
Без промени останува цената на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), кое и понатаму ќе чини 79,50 денари за литар. Намалување има кај мазутот, чија цена се намалува за 0,796 денари по килограм и ќе изнесува 41,495 денари за килограм.
Од РКЕ посочуваат дека при формирањето на новите цени биле земени предвид движењата на референтните цени на светските пазари, каде што е забележан пад кај сите нафтени деривати. Истовремено, врз конечната пресметка влијаел и повисокиот курс на американскиот долар во однос на денарот во споредба со претходниот пресметковен период.
Регулаторната комисија потсетува дека утврдените цени се максимално дозволени малопродажни цени, додека трговците имаат право горивата да ги продаваат и по пониски цени.

