Оваа недела ќе биде релативно топла, но вистински летни температури може да очекуваме на самиот нејзин крај. Спарното време ќе ги одбележи речиси сите денови од неделата.
Понеделник и вторник ќе бидат пооблачни попладне, а услови за дожд и ретка појава на грмежи ќе има локално во јужната половина од земјата, пред се во југозападниот крај.
Во среда попладне можен е слаб локален дожд и во планинските региони во источниот крај од земјава.
Нестабилност ќе има и во четврток попладне, која засега изгледа дека повеќе ќе ги зафати местата во западниот дел од земјата. Локална облачност ќе има и во источниот крај, но појавата на врнежи ќе биде поретка.
И петок нема да донесе ништо повеќе од услови за локален дожд во крајните западни и крајните источни делови од земјата.
Викендот е со изгледи да биде претежно сончев и доста топол.
Од понеделник до четвтрток температурата ќе има максимална вредност околу 30°С долж повардарие и во низините од источниот регион. Низините во југозападнит регион ќе бидат посвежи за околу 2°С.
Вистински летни температури ќе има од петок. Се очекува „врвот“ на топлотниот бран да биде во сабота, кога температурата би требало да надмине 35°С во југоисточниот и повардарскиот регион.