Посетителите на Нов Зеланд повеќе нема да треба да се вакцинираат против коронавирусот, објави премиерката Џасинда Ардерн.
Ќе се укине и обврската за носење маска, освен во здравствени установи и установи за згрижување стари лица.
„Време е да ја свртиме страницата во нашето управување со Ковид-19 и да живееме без вонредните мерки што ги користевме порано“, рече Ардерн.
Ардерн: Денеска означува пресвртница во нашето управување со кризата со Ковид
Земјата ги затвори своите граници за речиси сите во март 2020 година, а целосно ги отвори во јули.
Ардерн рече дека повеќе нема да биде задолжително да се тестираат туристите по пристигнувањето во земјата и на петтиот ден од нивниот престој.
„Денес означува пресвртница во нашето управување со кризата предизвикана од Ковид-19. Конечно можеме да кажеме дека периодот во кој коронавирусот диктираше што се случува во нашите животи заврши. Ја преземаме контролата повторно во свои раце“, рече Ардерн.
Другите промени, кои стапуваат на сила во 23:59 часот во понеделник, вклучуваат само барање за седумдневна изолација за оние кои се позитивни на „Ковид-19“.
Контактите во домаќинството повеќе нема да мора да бидат изолирани, туку ќе се тестираат секојдневно, рече Ардерн.
За време на пандемијата, Нов Зеланд водеше кампања на нулта толеранција за коронавирусот, па така во март 2020 и август 2021 година, поради појавата на варијантите делта и омикрон, беше воведен карантин низ целата земја.
Нов Зеланд, земја со околу пет милиони жители, пријави повеќе од 1,7 милиони случаи на инфекција со коронавирус од почетокот на пандемијата, од кои речиси 2.000 резултираа со смрт.