Додека еден дел од јавноста кај нас води дискусија кое е поправедно општествено уредување, демократија или меритократија, актуелниот прв човек на ДПМНЕ и поранешен премиер на земјата сe повеќе ја воведува во диктатура.
Шокира дрскоста со која по негов налог се направија промените во законот за полиција и со која сè уште се обидуваат да ја издадат еврообврзницата, имајќи предвид дека се наоѓаме на три секунди до дванаесет во преговорите.
Иако тој секој ден на „куртон вестите“, што би кажал еден наш познат новинар, се труди со сиот свој напор да објасни дека овде нема диктатура, ниту, пак, цензура и дека тој е еден модерен, проевропски и демократски настроен политичар, реалноста, сепак, е сосема поинаква.
Никола толку до совршенство ја има развиено медиумската манипулација, нешто што не треба особено да чуди ако се земе фактот дека тој е ученик на подеднакво вешт манипулатор кој беше премиер од 1998 до 2002 година.
А народот… Потполно без никакви права, осиромашен, гладен и жеден, гол и бос, не знае повеќе во што да верува.
Можеби оваа моја колумна ќе даде скромен придонес во будење на една успиена нација и можеби по читањето на овие редови ќе сфати на какви манипулации сме изложени од страна на еден човек кој веќе неколку месеци си замислува дека е премиер. Еве што пишува во еден учебник по Социологија:
„Цезаровата диктатура се карактеризира со неограничено самоволие на диктаторот кој државата и поданиците ги држи во постојана закана која бара вонредна состојба. Исто така, диктаторот ја подгрева надежта на поданиците со тоа што им ветува остварување на големи проекти кои обезбедуваат стабилност, задоволство и среќа на сите. Ваков вид на диктатор претежно инсистира на реформи во здравството, затоа што тоа е основна човекова потреба. Диктаторот секојдневно се служи со пропаганди и сензации. Сензациите ја уништуваат вредноста, а јавноста и јавното мислење се погрешно насочени односно пренасочени. ”