Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ѝ дал инструкции на разузнавачката агенција Мосад да ги пронајде членовите на раководството на исламскиот екстремистички Хамас кои живеат надвор од Појасот Газа во странство.
– Му наложив на Мосад да дејствува против лидерите на Хамас, каде и да се тие, изјави Нетанјаху на синоќешната прес-конференција.
Тој одговараше на оценката на новинарот дека лидерот на Хамас Исмаил Ханије и Калед Машал, неговиот претходник, се „еуфорични“ поради војната и очекуваат да продолжат да владеат со Газа кога таа ќе заврши.
Двајцата живеат во странство.
Повеќето високи членови на Хамас живеат во егзил, главно во Катар и Бејрут, главниот град на Либан.
Мосад беше обвинет за серија убиства во странство не само на палестински екстремисти, туку и на ирански нуклеарни научници во последниве години.