За време на вчерашната посета на Појасот Газа, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не беше придружуван од претставници на службата за внатрешна безбедност Шин Бет, како во претходните прилики кога тој отиде во палестинската енклава, објави „Тајмс оф Израел“.
Канцеларијата на Нетанјаху објави дека станува збор за воена посета, а не за посета на штабот на Шин Бет.
Според израелскиот портал, Нетанјаху при посетите на Газа генерално е придружуван од претставник на Шин Бет кој е одговорен за областа и му дава безбедносни проценки.
Претходно, партијата Ликуд на премиерот побара од директорот на Шин Бет, Ронен Бар, да поднесе оставка и го обвини дека делови од службата ги претворил во своја „приватна милиција на длабоката држава“.
Шин Бет, кој меѓу другото спроведува истраги за борба против тероризмот, е во центарот на растечката политичка битка меѓу десничарската влада на Нетанјаху и голем број критичари – од членови на безбедносниот сектор до семејствата на заложниците кои се држат во Појасот Газа.
Обидот на владата на Нетанјаху да го отстрани Бар во очекување на истрагата за „Шин Бет“ насочена кон блиски соработници на израелскиот премиер е привремено замрзнат со пресуда на израелскиот Врховен суд.
Партијата Ликуд објави дека Бар ја изгубил довербата на владата и дека затоа „мора веднаш да ја напушти функцијата и да престане да ја зајакнува својата позиција во службата“, пренесува Танјуг.