Иако кумановските пожарникари на 9 мај, активно учестуваа во гаснење пожар на ул. Александар Здравковиќ, кога било пријавено дека две куќи се во пламен поради вооружените дејства, и фактот што пожарникарите од ТППЕ Куманово превезоа група граѓани евакуирани од Диво насеље, тие сепак останаа без јавна пофалница на нивниот труд.
Реакциите на кумановските граѓани не стивнуваат, откако беше донесена одлука, за своите подвизи да бидат наградени сите активни учесници за време на вооружениот напад на Куманово, изоставувајќи ги кумановските пожарникари кои дадоа максимум во спасување човечки животи, т.е во примарната цел на постоење на ТППЕ, велат граѓаните.
Во разговор со командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски, дознаваме дека пожарникарите од Куманово, критичниот ден, т.е на 9 мај, веќе биле на терен во раните утрински часови, кога полицијата наложила нивно повлекување поради опасност од повреда.
Истиот ден, на повик на полицијата, ТППЕ Куманово со полициска заштита од специјалните единици се упатила на интервенција на ул. Александар Здравковиќ кога било пријавено дека две куќи се во пламен со заглавени луѓе во самите објекти.
Иако пожарникарите делуваа на терен, вели Илиевски, сепак, во целото вреднување на натчовечките напори да се наградат храбрите дела, нашите пожарникари останаа неприметени, со образложение дека ние како единица не припаѓаме под ниедно министерство, и за нас е надлежна локалната самоуправа.
Од тие причини, ТППЕ Куманово со излегување на законската одлука во Службен весник за награда на сите учесници во 48 -часовната драма во Куманово ќе поднесат писмена претставка, не со очекување да се добијат финансиски средства, туку да ги потсетат органите дека и тие постојат, пред и сè, за да помагаат на граѓаните во услови на криза, без разлика дали се работи за елементарна непогода или кризна состојба.