Неделава второ издание на фестивалот „Денови на проза“ во Куманово

Сподели со своите пријатели

Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово и годинава го организира Меѓународниот фестивал „Денови на прозата“, чие второ издание ќе се одржи на 25 и 26 мај, годинава.

Loading...

Како што иноформираат од Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, првото издание на фестивалот минатата година, беше одлично прифатен од посетителите и јавноста.

Станува збор за фестивал на кој се промовираат домашни и странски писатели, автори на прозна литература.

На првата фестивалска вечер, на 25 мај, публиката ќе има можност да дискутира со писателот и академик Влада Урошевиќ и со авторката Даница Вукичевиќ од Србија, која е добитничка на Ниновата награда. Модератор на првата вечер ќе биде Александар Маџовски.

Програмата на 26 мај ќе почне во 12 часот со промоција на книга за деца од писателката Јулијана Величковска во фоајето на Центарот за култура, додека во 17 часот ќе има тркалезна маса за книжевниот превод на која ќе зборуваат Петар Андоновски и Катица Гаровска од Северна Македонија, Саша Пуљаревиќ од Словенија и Елена Алексиева од Бугарија, а модератор ќе биде Владимир Јанковски.

Фестивалот ќе заврши со дебата на која ќе зборуваат писателите Арлинд Фазири, Живко Грозданоски, Калина Малеска, Стефан Алијевиќ од Македонија и Елена Алексиева од Бугарија, а модератор ќе биде Ана Јовковска.

– Фестивалот се организира за да ја доближи прозата до читателската публика, да промовираме и дискутираме со автори кои се веќе етаблирани и познати на публиката, како и да даваме простор за промоција на млади автори кои пишуваат проза. Интересот, првата година, навистина беше голем и публиката, а и гостите дадоа позитивни реакции за целиот фестивал. Преку овој фестивал сакаме да ја ставиме убавата литература на пиедестал и да овозможиме со фестивалот да се случуваат и други дополнителни активности што ќе ги организираме тој период, а се поврзани со литературата и со прозата во нашиот град. Очекуваме дека со поставувањето на овој фестивал на мапата на книжевни фестивали во Македонија ќе придонесеме за популаризирање на книгата, на читањето и на дискусијата за истото, вели директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски.

Вечерната програма за време на двата дена на фестивалот ќе почнува во 20 часот.

Loading...

Меѓународниот фестивал на проза се реализира со поддршка од Министерството за култура и од локални компании, пријатели на фестивалот.

МИА