Најмалку 66 лица загинаа во пожар во хотел во популарен турски ски-центар, изјави турскиот министер за внатрешни работи.
Министерот Али Јерликаја додаде дека најмалку 51 лице е повредено во пожар што избувна во хотелот Гранд Картал во ски-центарот Карталкаја во турската провинција Болу.
Министерот за здравство изјави дека едно повредено лице е во тешка состојба.
Турските медиуми јавуваат дека најмалку две лица загинале кога скокнале од прозорец обидувајќи се да избегаат од пожарот.
Снимките кои кружат на социјалните мрежи покажуваат чаршафи кои висат на прозорците, кои ги користеле луѓето во обид да избегаат од запалениот хотел, јавува Би-Би-Си.
Ски инструкторот Неџми Кепчетутан за турските медиуми изјави дека успеал да побегне бидејќи ја познавал зградата на хотелот, а гостите кои не биле запознаени со објектот немале толку среќа. Тој додаде дека тој и неговите колеги успеале да извлечат од зградата 20 до 25 луѓе.
Пожарот избувнал на четвртиот кат од 12-катниот хотел, а пожарникарите се уште се борат со огнот.
Причината за пожарот е непозната, а гувернерот на Болу Абдулазиз Ајдин изјави дека пожарот избувнал на подот на ресторанот.
Во хотелот имало 234 гости, додаде гувернерот.