Најмалку 13 Палестинци убиени во израелското бомбардирање на Газа

Сподели со своите пријатели

Најмалку 13 Палестинци загинаа во израелското бомбардирање на централниот и јужниот дел на Појасот Газа, а меѓу жртвите има најмалку две деца, соопштија денеска здравствените власти во палестинската енклава.

Loading...

Во Рафа, јужниот пограничен град каде што израелските сили оперираат од мај, пет Палестинци беа убиени во воздушен напад врз куќа, додека еден маж, неговата сопруга и двете деца беа убиени во блискиот Кан Јунис, соопштија официјални лица.

Во централниот дел на Газа, Нусејрат, еден од осумте бегалски кампови во енклавата, најмалку четворица Палестинци беа убиени во одделни гранатирања и воздушни напади, јавува Ројтерс.

Во вчерашниот напад на училиштето на ОН во бегалскиот камп Нусејрат, каде раселените Палестинци бараа засолниште, загинаа најмалку 17 лица, а околу 80 беа ранети, соопштија властите во палестинската енклава.

Ал Џезира објави дека тоа е петти бомбашки напад во училиште во последните осум дена.

Израелските сили тврдат дека погодиле 40 цели во Газа, вклучително и набљудувачки пунктови, воени структури и згради наместени со експлозиви, како и дека неколку борци на Хамас се убиени во последните часови.

Министерството за здравство во Газа соопшти дека од почетокот на израелската војна во енклавата загинале 38.664 лица, а бројот на ранетите се проценува на 89.097, не сметајќи ги жртвите кои се под урнатините на зградите до кои спасувачките тимови не може да стигнат.