Властите во Австралија се обидуваат да го утврдат потеклото на мистериозните, големи сребрени топки што беа исфрлени на плажа во северен Квинсленд за време на викендот.
Се верува дека шест цврсти предмети пронајдени на плажата Форест северно од Таунсвил се вселенски отпад, но Австралиската вселенска агенција (ASA) сака да знае точно од каде доаѓаат.
Истражители во заштитни одела наводно биле забележани како ги вметнуваат овие топки во буриња со радиоактивен отпад под полициска придружба, поради страв дека може да содржат штетни супстанции.
На цивилите им е забрането да останат во рамките на 50 метри од местото каде што се пронајдени предметите, објави во недела Противпожарната служба на Квинсленд, предупредувајќи го населението да не ги допира таквите предмети доколку се најдат.
Доколку ги видат, се препорачува веднаш да се оддалечат и да се јават службите за итни случаи.
На интернет се шпекулира дека всушност станува збор за резервоари од вселенски брод, кои би можеле да содржат екстремно запаливи и хемиски реактивни супстанции.

Но, сè уште нема одговори на прашањата за тоа кој и чиј авион е.
Членовите на локалната заедница се заинтересирани да дознаат за потеклото на предметите, вели Лиса Скоби, сопственичка на ресторанот Форест Бич.
„Тука е многу тивко, нема многу што се случува. Оваа дополнителна активност дефинитивно создаде малку возбуда“, изјави таа за телевизијата АБЦ.
Ова не е прв пат мистериозни предмети да се пронајдат на австралиските брегови.
Огромна метална купола беше пронајдена во 2023 година на плажа во западна Австралија, во близина на Перт, а Индија потврди дека припаѓа на ракета лансирана од таа земја.
Предмет сличен на топките од Квинсленд беше пронајден и во 2011 година на оддалечено поле во Намибија.
Експертите потоа проценија дека веројатно станува збор за резервоар за гориво или резервоар под притисок што содржи хидразин, високо реактивна супстанца.
Во тоа време, не беше утврдено од кое летало пристигнале во Намибија.

