Мексиканските власти соопштија дека планираат вакцинирање на 90 отсто од населението во земјата против коронавирусот до крајот на 2021 година, откако потпишаа договор во вредност од 1,66 милијарди долари со неколку големи фармацевтски компании.
Заедно со потенцијалните вакцини од програмата, поддржани од Светската здравствена организација, договорите со компаниите „Астра Зенека“ (AstraZeneca), „Фајзер“ (Pfizer) и „КанСиноБио“ (CanSinoBio) можат да му овозможат на Мексико да вакцинира до 116 милиони луѓе, соопшти Владата.
Земјата со околу 128 милиони жители официјално регистрираше 83.945 смртни случаи од коронавирус – четврта највисока стапка на смртност во светот.
Вакцините, кои сè уште се подложени на клинички испитувања, се меѓу десетиците за кои се натпреваруваат истражувачите во светот за да ја докажат нивната безбедност и ефикасност.
Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор на прес-конференција рече дека вакцинацијата ќе биде обезбедена „бесплатно за целото население“.
– Програмата може да започне во декември годинава со првите серии вакцини од „Фајзер“ од САД и „КанСиноБио“ од Кина и да трае една година, изјави министерот за финансии Артуро Ерера.
Приоритет ќе имаат медицинскиот персонал и ранливите групи.
Пандорка Арсовска-Гацова