Мексико го покани рускиот претседател Владимир Путин на инаугурацијата на новоизбраната претседателка Клаудија Шејнбаум на 1-ви октомври.
„Испратена е покана до претседателот Путин да учествува на инаугурацијата на претседателот Шејнбаум“, изјави претставник на мексиканската амбасада, пренесува „Известија“, повикувајќи се на мексиканската амбасада во Русија.
„Рускиот претседател ќе одлучи дали сам ќе учествува на церемонијата или ќе назначи друг висок функционер да го стори тоа во негово име“, пишува весникот.
Министерството за надворешни работи на Мексико подоцна за Ројтерс изјави дека владата испратила дипломатски ноти до сите земји со кои има односи, како и до меѓународните организации чиишто членка е, поканувајќи ги на инаугурацијата.
Тесни врски
Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на Путин во 2023 година, обвинувајќи го за воено злосторство за илегално депортирање на стотици деца од Украина, откако Москва ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Иако Русија не е членка на МКС, Мексико е. Но, двете земји развиваат блиски врски, а Путин и честиташе на Шејнбаум за нејзината победа во јуни, велејќи дека Мексико е „историски пријателски партнер на Русија во Латинска Америка“, пренесува Хина.
Министерството за надворешни работи не одговори на прашањето како членството на Мексико во МКС ќе влијае на евентуалното доаѓање на Путин на инаугурацијата на претседателот.