Сопругата на британскиот принц Хари, Меган Маркл, предупреди на штетното влијание на социјалните мрежи, кои можат да предизвикаат тешки нарушувања во исхраната кај девојчињата и младите жени и да ги турнат во анорексија, објави денеска британски Телеграф.
Војвотката од Сасекс одржа говор во швајцарскиот град Женева на отворањето на споменикот посветен на децата кои ги загубија животите поради катастрофалното влијание на социјалните мрежи и посочи дека алгоритмите и штетните содржини на социјалните мрежи ги „оформуваат“ децата, што може да доведе до сериозни нарушувања во исхраната кај младите девојки.
Наведувајќи примери од реалниот живот, Меган забележа дека млада и атлетски градена девојка која бара рецепти за здрав живот на Интернет, наместо тоа наидува на серија видеа и содржини кои промовираат анорексија.
Војвотката од Сасекс го наведе примерот на малото девојче Кејти, кое со месеци беше хоспитализирано поради тешко нарушување во исхраната предизвикано од нејзините следбеници на социјалните мрежи, како и случајот со Мејсон, тинејџер кој почина откако раскина со својата девојка, кога платформите на социјалните мрежи „ја искористија неговата болка“ и „му понудија идеи како треба да си го одземе животот“.
„Овие приказни не се изолирани, тие се конзистентни. Притоа, не е вина ниту детето, ниту пак родителот“, рече Марклова и предупреди дека вештачката интелигенција (АИ) дополнително ги влошува ризиците.
Пред отворањето на 79. Светско здравствено собрание, таа откри споменик на децата чија смрт нивните семејства ја припишуваат на штетното влијание на содржината на интернет, направен од 50 светлосни кутии во облик на паметни телефони, на секоја од нив е прикажана фотографија од детето кое го загубило животот.
Маркл и принцот Хари со години водат кампања против опасностите од социјалните мрежи, обвинувајќи ги големите технолошки компании дека им даваат приоритет на профитот пред благосостојбата на младите луѓе.

