Турција ја отфрли понудата на американскиот милијардер Илон Маск за активирање на Starlink, сателитски интернет сервис на SpaceX, по силниот земјотрес што ја погоди Турција.
Еден корисник на Твитер го предупреди Маск дека има „сериозни проблеми во комуникацијата“ во Турција по земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди југоисточниот дел на земјата во близина на сириската граница.
„Турската влада сè уште не го одобри Starlink. SpaceX може да го испрати веднаш штом ќе биде одобрен“, одговори сопственикот на Twitter.
Блумберг пишува дека анонимен висок турски функционер им рекол дека се благодарни за понудата на Маск, но дека Турција има доволно сателитски капацитети, а нејзините базни станици работат на енергија од батерии, пренесува Index.hr.
Маск ѝ помогна на Украина по руската инвазија
SpaceX и турското Министерство за надворешни работи не дадоа официјален коментар.
Омер Фатих Сајан, турскиот министер за транспорт и инфраструктура, претходно денеска на Твитер истакна дека е важно комуникациската инфраструктура да не биде прекината во областите погодени од земјотресот.
Тој додаде дека континуирано се одржуваат состаноци со цел да се види како може да се избегнат прекините во комуникацијата.
Ова не е првпат Маск да понуди помош на земја во криза, бидејќи тој веќе го активираше Starlink во Украина по руската инвазија минатиот февруари.
Маск реши да им помогне на Украинците по барањето на Михаил Федоров, потпретседателот на украинската влада.
SpaceX испрати илјадници интернет антени Starlink до Украина и нејзините војници.
Маск во септември изјави дека SpaceX планира да го активира Starlink во Иран поради исклучување на интернет за време на протестите што избија поради смртта на 22-годишната Махса Амини, која почина во полициски притвор, пренесува Business Insider.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Турција можете да ги прочитате ТУКА.