Илон Маск одржа приватни разговори со своите сојузници за можноста за смена на британскиот премиер Кир Стармер пред следните избори, објави Фајненшл тајмс.
Маск, најбогатиот човек на светот и близок соработник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, минатиот месец ја поддржа германската антиимигрантска партија пред изборите закажани за февруари и постојано ја коментираше британската политика, барајќи од Стармер да поднесе оставка, пренесува Ројтерс.
Маск, наводно, размислува за начините на кои тој и неговите сојузници можат да ја дестабилизираат владата на Лабуристичката партија, барајќи информации за тоа како да изгради поддршка за алтернативни политички движења во Велика Британија со цел да се дојде до промена на власта, пишува весникот, повикувајќи се на извори.
„Неговиот став е дека самата западна цивилизација е под закана“, изјави еден извор за весникот.
Маск претходно го обвини Стармер дека не ја гонил групата мажи кои силувале млади девојки како директор на Јавното обвинителство меѓу 2008 и 2013 година.
Маск закажа и интервју со лидерката на партијата Алтернатива за Германија, Алис Вајдел, кое денеска ќе се емитува во живо на мрежата Х.
Оваа недела, норвешкиот премиер Јонас Гар Шторе изрази загриженост за вмешаноста на Маск во политичките работи на други земји, надвор од САД.