Мартинијан Кириловски од Куманово ќе настапи на првото издание на регионалниот музички фестивал на медитеранска, поп и забавна музика „Бисер на Јадранот“.
Фестивалот ќе се одржи на 29 јуни во Тиват, Црна Гора, каде ќе настапат 25 пејачи, а двајца од нив се од Македонија, Мартинијан Кириловски и Ана Петановска.
Кумановецот ќе се претстави со песната „Змај“ која веќе е готова и чека своја премиера на фестивалот. Автори на истата се Елена Ристеска и DJ Todd Haze.
Мартинијан вели дека ова за него ќе биде неверојатно искуство кое ќе му овозможи да се претстави пред пошироката публика.
– Тоа би ми овозможило да ги споделам своите емоции и идеи, креативност и знаења со публиката, да ги инспирирам и забавувам луѓето присутни на фестивалот, и истовремено да се поврзам со други колеги, музичари и креативци од регионот, рече тој.
Најдобрите од фестивалот, кој годинава се одржува за прв пат, ќе добијат и парични награди.
Никола Ивановски