Полицијата во Велс објави нова снимка од масовна тепачка на погреб во која биле користени мачети, секири, цигли, безбол палки и чекани.
Девет лица кои присуствувале на погребот биле уапсени минатиот месец, шест месеци откако расправијата меѓу две роднини станала насилна пред крематориумот Мористон во Свонси.
На снимката се гледа разбеснета толпа која трча со оружје низ гробиштата, додека возилата се втурнуваат меѓу надгробните споменици.
Во еден дел, Џејмс Кофи, кој бил затворен на две години и три месеци за претходна тепачка, ја проверува главата дали има рани додека крвта му тече по вратот.
Во друг тензичен момент возило кое се движи со брзина од 30 километри на час за влакно промашува инвалид во инвалидска количка и лицето кое го турка додека одат покрај гробовите.
„Мислам дека луѓето беа шокирани од овој инцидент – неговиот обем, степенот на насилство, локацијата и непочитувањето што го покажаа еден кон друг. Среќа е што никој не е убиен, изјави за Велс онлајн инспекторот Карл Прајс, кој беше задолжен за истрагата.
Полицијата ги пребарала болниците во југозападен Велс по пресметката, бидејќи знаела дека инволвираните луѓе биле сериозно повредени.
Камерите фатиле неколку од осомничените како се обидуваат да го отстранат оружјето фрлајќи го во поток на работ од блиската фарма.
Подоцна на судот на Свонси му било кажано дека тепачката била предизвикана од кавга помеѓу две „фракции“ во поширокото семејство.
На едната страна беа О’Брајан и Кофи, а на другата Марфи и Томас. Во тоа време се одржувале уште два погреба, а на ужалените семејства им се заканувало насилство.
Судијата Пол Томас изјави дека учесниците во тепачката се подготвувале за пресметката.
„Беше надвор од границите на случајност што на двете страни од конфликтот беа пронајдени најмалку една мачета, чекан, бејзбол палка, лопата, а можеби и палки за голф. Според достапните снимки, некои од присутните на погребот биле облечени соодветно за погреб. Многу други биле во елеци со оружје што лесно можеле да го спакуваат во своите возила или кај себе“, рекол судијата.