Водачот на бунтовничката група Хајат Тарир ал-Шам (ХТС) што го предводеше соборувањето на сирискиот претседател Башар ал-Асад, Ахмед ал-Шар, вети дека сите бунтовнички фракции ќе бидат „распуштени“ и борците обучени да се приклучат на редовите на Министерството за одбрана.
Тој го изјави ова за време на средбата со членовите на заедницата, со цел да ги увери малцинствата во земјата и во странство дека привремените лидери ќе ги заштитат сите Сиријци и државните институции, пишува „Гардијан“.
Шар ја нагласи потребата од единство во земја која е етнички и верски разновидна.
– Сирија мора да остане обединета – рече тој и додаде дека „неопходен е социјален договор меѓу државата и сите религии за да се гарантира социјалната правда“.
Шар на одвоена средба со британската делегација апелираше за укинување на меѓународните санкции против Дамаск за да се овозможи враќање на бегалците во земјата.
Тој зборуваше и за важноста од обновување на односите со Лондон, нагласувајќи дека санкциите го попречуваат враќањето на сириските бегалци.
По соборувањето на Асад минатата недела, европските земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Шведска и Норвешка рекоа дека ќе го прекинат разгледувањето на барањата за азил од сириските државјани, и покрај неизвесната ситуација во земјата.
Санкциите наметнати од САД и Европската унија врз режимот на Асад имаа значително влијание врз сириската економија, со високи нивоа на инфлација и сиромаштија, пишува британскиот весник.