Левичарското движење „Солидарност“ во вторник организира трибина во Куманово, насловена како Куманово – Авганистан – Куманово, со цел поттикнување на дискусија и правење паралела за работата на кумановчани во Ирак и Авганистан версус забраната за влез на економските мигранти во Македонија кои доаѓаат од тие држави.
На настанот како што соопштува Левичарското движење, ќе се направи обид да даде одговор на следните прашања:
– Што е разликата помеѓу бегалци и економски мигранти? Зошто на бегалците им се дозволува влез, а на економските мигранти не? Какви луѓе се тие економски мигранти? Дали се различни од бегалците? Дали се различни од нас?
– Што значи да се биде економски мигрант? Дали е тоа лесно? Зошто луѓето се решаваат на таков чекор? Со какви проблеми се соочуваат додека го прават тоа?
– Зошто има војни во овие региони? Кој ги прави кризните жаришта? Кои се геополитичките детерминанти на кризата?
Настанот е дел од серијата работилници кои ги организира Левичарското движење „Солидарност“, во соработка со пријател(к)и, кои имаат за цел да ја подигнат свеста за бегалците и мигрантите.
Трибината ќе се одржи во кафулето Сајфер лоцирано на бул. Трета МУБ спроти ресторан Рим – Париз со почеток во 18 часот.