Кумновската бања е позната уште од 19 век

Сподели со своите пријатели

Во кумановскиот крај во минатото имало повеќе минерални избори, дел од нив студени и кисели и служеле само за пиење, а некои млаки и служеле за пиење и капење.

Позната била водата во кратовско Туралево, неколку кисели извори во атарот на Липково од кои најмногу се користел оној кај каменоломот во селото Оризаре, потоа кај месноста Крваво Поле, кај селото Беланевце, лево од патот Куманово – Гњилане и Црвена вода, како и месноста Ливадска воденица во Бедиње.

Сепак, најпознатата минерална вода, како и денес, и пред неколку векови била Кумановската бања, или како кумановци ја нарекуваат „Вруќа вода“.

Таа се наоѓа на два до три километри југоисточно од Куманово, во селото Проевце. Водата избира од „Провеска карпа“, во непосредна близина на патот Куманово – Шупли Камен, односно под пругата Куманово – Бељаковце.

До деведесеттите години на 19 век, оваа вода истекувала во еден јаз и се мешала со речната вода. Во тоа време госпорадите на Проевце, потомците на Мустафа – бег Киевски се опитале од водата да направат бања, но не успеале, затоа што не сакале да трошат пари, мислејќи дека нема да им се исплати. Тие направиле една дупка длабока два метра во која луѓето слегувале и се капеле.

По Балканската војна и прогонувањето на Турците од земјата, бањата се повеќе е популаризирана и има се поголем број посетители. Во летото на 1913 година некојси капстан Катиќ го подигнал првиот базен и чешма.

По завршувањето на Втората балканска војна општината изградила посовремен базен, но Првата светска војна ја сопрела инвестицијата за уредување на бањата.

По завршувањето на војнат абазенот бил ограден и бројот на посетители на бањата бргу растел. И токму кога бањата се здобила со потребната репутација, се појавила некоја баба Лена, која о тогашното Министерство за шуми и рударство во Белград добила право бањата да ја користи наводно затоа што таа ја открила минералната вода. Тука настанал и спор. Откако општината со динамит ја урнала бањата, баба Лена се откажала од своето право и општината повторно започнала да го уредува базенот.

Наводно за бањата се интересирала и една француско – белгиска компанијаи дека барала концесија бањата да ја уреди, да изгради трамвајска линија од железничката станица до бањата и слично. Не е познато зопшто општината не се спогодила со оваа компанија.

По ослободувањето, општината обрнала поголемо внимание на бањата, со скромни средства го уредила базенот и околината околу него, вршела пробни дупчења, анализи на водата и преземала ред мерки за популаризација на бањата. Бидејќи бројот на гостите кои барале лек во бањата бил голем, во круго на истата биле изградени повеќе угостителски објекти, паркови и денес се уште познатата Кумановска бања, која служела и како лекувалиште и како излетничко место.

Водата лекува нервни, кожни, стомачни и женски болести и има голема лековита вредност.

Денес, по паузата од неколку години, бањата е реставрирана и е во приватна сопственост, исто како и угостителските објекти и паркот кои некогша биле познати излетнички места.

Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дигитализација на „Наш весник“
Извор: „Наш весник“ број 21 (сабота, 1 септември 1962. година)

Leave a Reply