Меѓународниот ден на физичка активност денеска беше одбележан на атлетскиот полигон во Куманово, каде присуствуваа членови на сите спортски клубови во градот, а врвни македонски спортисти беа гости на настанот.
Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски и локалните спортисти ги пречекаа претседателот на Кошаркарската федерација Перо Антиќ кој дојде во друштво на Тодор Гечевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт и поранешен ракометар Наумче Мојсоски, директорот на Македонски олимписки комитет и поранешен кошаркар Даниел Димевски, како и советничката во Владата на РСМ за спорт Силвија Митевска.
Градоначалникот Димитриевски истакна дека Куманово има спортисти од 8 до 88 години, при што најави нови инвестиции во областа на спортот.
– Општина Куманово минатата година инвестираше во три спортски објекти на средните училишта Гимназија, економското и техничкото училиште. Оваа година заедно со Агенцијата за млади и спорт работиме на проектот за реконструкција на Соколана, посебна благодарност до Владата и Мојсовски за несебичната поддршка што ја даваат за тоа поле. Планираме Соколана да ја вратиме во стар лик како што некогаш била, културен и спортски центар на нашиот град. Сакам да најавам дека до крајот на годината минимум уште шест нови спортски игралишта на училишните терени во општинските основни училишта на територијата на нашата општина, нема да застанеме тука и конечно ќе го завршиме проектот на Спомен Костурница каде во моментот се градат три спортски терени, патеки за пешачење и трчање, рече Димитриевски.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски истакна дека допрва ќе се гради.
– Се надевам дека овој настан ќе стигне до сите градоначалници со порака колку е важен спортот. Драго ми е што денеска после 15 месеци гледам преполни терени и се надевам дека така ќе продолжи, рече Мојсоски.
Гечевски во име на Кошаркарската федерација истакна дека радува фактот што колку има момчиња толку има девојчиња на спортските терени во Куманово.
– И двата пола се занимаваат со спорт, гледаме дека Куманово има различни спортови, тоа носи здрава младина и здрава иднина, рече тој.
Претседателот на МОК Даниел Димевски вели дека Куманово е најспортски град во државата.
– Драго ми е што имате фантастичен градоначалник со одличен тим кој го сака спортот, кој го помага спортот и резултатите ќе си дојдат тоа е неминовно. Треба да спортувате, не затоа што така ви кажувам, туку затоа што тоа е најубавата работа што можете да ја направите за вас, да бидете здрави, рече Димевски.
Во име на Владата на Република Северна Македонија се обрати Силвија Митевска, советник за спорт на премиерот Зоран Заев, која вели дека Општина Куманово вложува во спортот.
– Денес ме радува што гледаме голем број граѓани, па и повозрасни, да не заборавиме дека физичка активност е важна од најмала до најстара возраст и подеднакво треба да се грижиме за сите граѓани кои живеат во нашата општина и особено ме радува што имаме девојки, жени и млади девојчиња што спортуваат, рече Митевска.
Настанот воедно се совпаѓа и со годишнината од основањето на Општинскиот сојуз на спортови во Куманово кој се грижи за развојот на спортот од најмала до настара возраст.
Никола Ивановски / Младен Филиповски