Кумановските пожарникари со околу 100 интервенции помалку од лани (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Територијалната противпожарна единица Куманово годинава бележи значително намалување на бројот на интервенции во споредба со истиот период лани.

Во текот на август ТППЕ Куманово има реализирано околу 100 интервенции помалку во однос на 2025 година, што според командирот Борис Станковски се должи пред сè на врнежливото време и влажната почва.

Досега се регистрирани околу 70 пожари, од кои најголемиот дел се на отворен простор, односно пожари на трева и стрништа.

– Во споредба со минатата година можеме да кажеме дека оваа година до денешен ден имаме некаде околу 100 интервенции помалку за разлика од 2025 година. Тоа се должи на врнежливото време, односно на влажната почва, вели Станковски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведен 40-годишен кумановец, возел и покрај активна забрана

 

 

Во текот на јуни и јули, единицата бележела просечно по околу 65 до 70 интервенции месечно, при што на територијата на Општина Куманово немало позначајни или поголеми пожари.

– Во месецот јуни и јули бележиме во просек околу 65 до 70 интервенции. Во тие два месеци немаше некои позначајни или поголеми пожари на територија на општина Куманово, вели Станковски.

Во јули, значителен дел од ангажманот на ТППЕ Куманово бил поврзан со невремето што ја зафати општината.

Пожарникарите интервенирале при отстранување на последиците, меѓу кои паднати лимови од покриви на згради и станбени објекти, како и паднати дрвја.

– Во месецот јули имаше многу технички интервенции, односно тоа беше резултат на невремето кое ја зафати општина Куманово и Територијалната противпожарна единица интервенираше на санирање на последиците како што беа паднати лимови од кровови на згради или на станбени објекти. Со Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ работевме на расчистување на паднатите дрвја, посочува командирот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Ограбена црква во кумановско Долно Којнаре

ТППЕ Куманово интервенира и во Липково и Старо Нагоричане

Кумановската противпожарна единица продолжува да интервенира и на подрачјата на соседните општини, каде што нема сопствени противпожарни единици или немаат доволно капацитети за справување со пожарите.

Во Општина Липково, ТППЕ Куманово се одѕива на секој повик за интервенција, а во август пожарникарите неколкупати интервенирале и во селото Никуштак, каде што поголем пожар зафатил и дел од шумскиот појас.

– Во општина Липково одиме на секоја интервенција затоа што таму нема противпожарна единица. Интервениравме таму во селото Никуштак, каде што имаше еден поголем пожар кој зафати и малку дел од шумата, заедно со Национални шуми, со тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување неколкупати во месецот август имаме одено таму и исто така помагаме на општина Старо Нагоричане, додава Станковски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  47-годишен кумановец возел мотор без возачка, полицијата го привела

Тој посочува дека ТППЕ Куманово интервенира и во Старо Нагоричане кога локалните капацитети не се доволни за справување со пожарите, при што досега секогаш одговориле на повиците за помош.

Никола Ивановски